ОДРЖАНО СОВЕТУВАЊЕ ЗА ПРОПИСИТЕ ЗА ВРАБОТЕНИ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР И АДМИНИСТРАТИВНИ СЛУЖБЕНИЦИ

Во организација на друштвото за консултантски услуги АЦТ! на 02.09.2016 год. беше одржано уште едно советување на тема „Новини и дилеми при примена на прописите за вработените во јавниот сектор и административните службеници“. Ова советување произлезе од големиот интерес од страна на учесниците, кои иницираа организација на уште едно советување поради спреченоста да бидат дел од советувањето кое беше одржано на 08.07.2016 год. Moтивот за организирање на ова советување произлезе од бројните дилеми кои се јавуваат при примена на регулативата која се однесува на вработените во јавниот сектор и административните службеници, како и новините содржани во регулативата и недостатокот на насоки за нивна правилна примена. Во таа смисла на одржаното советување поканивме компетентни предавачи кои го ставија на располагање своето знаење и искуство, а благодарение на нивното богато професионално искуство во примена на споменатите закони, тие дадоа и појасен осврт на дилемите и насоки за правилна примена на истите. Предавачи на ова советување беа Билјана Николовска-Жагар, државен советник за правни работи во Агенција за администрација на Република Македонија, која во првата и втората сесија од советувањето даде стручен осврт и одговори на прашањата од учесниците поврзани со правилната и практичната примена на фазите во постапка за вработување и унапредување на административните службеници и промените на актите за внатрешна организација и систематизација на работните места преку спроведување на функционална анализа. Во втората сесија од советувањето свое предавање имаше и Дарко Јаневски, правен советник и консултант за проектен менаџмент во Друштвото за консултантиски услуги АЦТ! ДОО Скопје кој говореше за искуствата и инструкциите за спроведување на функционална анализа како услов за систематизација на повеќе работни места. Третата и четвртата сесија од советувањето беа посветени на примена на новообјавената методологија за планирање на вработувања во јавниот сектор и презентација на формата, содржината и образецот на годишен план за вработување и извештај за реализација на годишниот план за вработување за што говореше Југослав Ѓорѓиевски, државен советник за правни работи во Министерство за информатичко општество, кој одговараше и на многубројните прашања кои ги покренаа учесниците во последната сесија од советувањето. Интерактивноста која е типичен белег на советувањата и обуките кои ги организира АЦТ! не изостана, па така и ова советување беше одржано во динамична атмосфера со висок степен на интеракција и корисни дебати помеѓу учесниците и предавачите, ценејќи дека таквиот пристап е најсоодветен за надминување на дилемите кои произлегуваат од регулативата.

 

Developed By: