СОВЕТУВАЊЕ ЗА МЕНАЏЕРИ, МЕНАЏЕРСКИ ДОГОВОРИ И РАБОТОВОДНИ ОРГАНИ ВО ПРИВАТНИОТ И ЈАВНИОТ СЕКТОР

Друштвото за консултантски услуги АЦТ! ДОО Скопје организираше практично еднодневно советување на тема „Правниот статус на менаџерите и менаџерските договори и одговорност на органите на управување vis-à-vis одговорности на содружници и акционери во трговското друштво, статус и положба на работоводен орган во јавниот и приватниот сектор“ кое се одржа на 12.05.2017 година (петок) во конференциската сала на хотел Квинс (Т.Ц. Зебра), Скопје.

Во фокусот на ова советување беа одредбите од Законот за работните односи и Законот за трговски друштва кои се однесуваат на правниот статус на менаџерите и менаџерските договори (нормирање на статусот, менаџерските договори од аспект на ЗТД, престанок на менаџерските договори и судска пракса). Покрај овие два закона беа елаборирани и релевантните одредби од бројни други закони како што се Законот за установите, Законот за јавните претпријатија, Законот за банки, Законот за хартии од вредност, Закон за супервизија на осигурување, Закон за високо образование, Закон за култура, итн., како закони што содржат одредби кои е потребно да бидат земени предвид за утврдување на правниот статус на менаџерите во специфични области. Одредбите од сите овие закони се меѓусебно поврзани и испреплетени и содржат специфичности не само во однос на статусот на менаџерите, туку и во однос на одговорнистите на органите на управување и надзорните одбори во акционерските друштва и на содружниците и акционерите во јавниот и приватниот сектор. Во вториот дел од советувањето стана збор за одговорност на органите на управување и на Надзорниот одбор во акционерските друштва и одговорноста на содружниците и акционерите во трговското друштво. Третиот дел од советувањето беше посветен на работоводниот орган - статусот и положбата во јавниот и приватниот сектор.

Презентерите на ова советување детално ги објаснија овие прашања и на практичен начин дадоа осврт на дилемите кои ги имаат лицата кои работат во правните служби, службите за човечки ресурси, кабинетите на работоводните органи, како и лица кои секојдневно се среќаваат и ги применуваат поголемиот дел од овие одредби.

Предавачи на ова советување беа д-р Зоран Михајлоски, адвокат, поранешен судија на Апелационен суд - Скопје и вонреден професор по трудово право на Американ колеџ – Скопје и автор на повеќе стручни и научни трудови од областа на трудовото право, Стојан Трајанов, поранешен државен советник за труд со богато нормативно искуство во областа на работните односи и трудовото законодавство и автор на најновиот „Коментар на Законот за работните односи“ и д-р Марко Андонов, декан на Факултет за правни науки при Универзитет Американ колеџ – Скопје и автор на повеќе стручни и научни трудови од областа на трговското и трудовото право.

Developed By: