ОДРЖАНО СОВЕТУВАЊЕ ЗА ПАЗАРНИ ИНСПЕКЦИСКИ НАДЗОРИ

Во организација на АЦТ! ДОО Скопје на 22.03.2018 год. (четврток) во хотел Квинс беше одржано практично советување на тема „Работење согласно регулативата и барањата на Државниот пазарен инспекторат - инспекциски надзори и остварување на правна заштита“.

Предавачи на советувањето беа искусни инспектори и одлични познавачи на областите за кои Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) врши надзор, и тоа: Виолета Лукановска, Евгенија Панева и Елена Маневска.

ДПИ сѐ повеќе ја промовира својата советодавна функција и токму преку ова советувањето беше приближена работата кон субјектите врз кои врши надзор. Преку бројни практични примери, студии на случаи и насоки беше укажано на грешките и недоследностите во работењето на субјектите и како истите да се надминат.

Во првиот дел од советувањето беа дадени кратки информации за организацијата и надлежностите на ДПИ кои се интерес за учесниците. Вториот дел во фокус го имаше Законот за трговија, Законот за безбедност на производите и дел од бројните подзаконски акти кои произлегуваат од истите. Посебен осврт се даде на правилата, стандардите и специфичностите при вршење трговија и продажба на алкохолни и енергетски пијалоци, цигари, итн. Третиот дел беше посветен на организацијата на големопродажен и малопродажен објект од аспект на ДПИ со осврт на законските услови и барањата кои треба да ги исполнуваат продажните објекти, организацијата на работното време, организацијата на распродажба на производите, задолжителните елементи на декларациите на производите и правата на потрошувачите согласно Законот за заштита на потрошувачи. Четвртиот дел од советувањето беше посветен на елементите на инспекцискиот надзор на ДПИ, поточно што сѐ опфаќа еден инспекциски надзор од страна на ДПИ и кои се правата и обврските на субјектите врз кои се врши надзор. Последниот дел од советувањето во фокус ги имаше прекршоците и правната заштита, при што ќе бидат презентирани најчестите прекршоци преку примери од пракса кои ги констатирал ДПИ и ќе биде презентиран начинот и условите за остварување на правото на жалба.

Имајќи го во предвид интерактивниот принцип на советувањето, беа поставени голем број на прашања, беа дадени одговори и се развија интересни дискусии, а беа отворени и други теми кои се во надлежност на ДПИ.

Developed By: