ОДРЖАНО СОВЕТУВАЊЕ ЗА НОВИОТ ЗАКОН ЗА ПРЕКРШОЦИТЕ

На 25.03.2019 год. во хотел Квинс во организација на АЦТ! ДОО Скопје беше одржано советување на тема „Новини во прекршочната постапка низ призма на новиот Закон за прекршоците“ на кое присуствуваа повеќе од 40 учесници.

Со новиот Закон за прекршоците (во завршна собраниска процедура) се очекува да подобри ефикасноста на прекршочната постапка преку намалување на висината на глобите, изрекувањето на опомена пред изрекување на глоба, разграничување на административните и судските прекршоци, односно се воведуваат значајни промени во самата прекршочна постапка, но и во делот на правна заштита. Имајќи го сето ова во предвид, како и процесот на усогласување на бројни материјални закони со Законот за прекршоците го организиравме ова советување со цел навремено да се подготват сите засегнати страни за примена на споменатиот закон.

Во првиот дел од советувањето се даде осврт на новиот ЗП (очекувани ефекти, цели, осврт на новите подзаконски акти и насоки за усогласување на материјалните закони со ЗП). Вториот дел од советувањето беше посветен на практичната примена на ЗП, односно на прекршочната постапка пред прекршочен орган низ призма на новиот ЗП, а третиот дел беше посветен на прекршочните санкции за физички и правни лица, посебните прекршочни мерки, застареност на прекршочна санкција и постапки за порамнување и спогодување.

Ценејќи дека додадената вредност на советувањата кои ги организира АЦТ! ДОО Скопје е практичноста и интерактивноста и овојпат поканивме компетентни предавачи, членови на работната група која го изготви новиот  ЗП, кои го ставија на располагање своето знаење и професионално искуство во примена на ЗП, давајќи појасни насоки за правилна примена на истиот. Предавачи на ова советување беа:

  • проф. д-р Ана Павловска Данева, редовен професор на Правен факултет „Јустинијан Први“ – Скопје и член на работна група за изготвување на измени на Закон за прекршоците
  • Методи Мицевски, началник на Одделение за прекршочна постапка во Царинска управа на Република Македонија и член на работна група за изготвување на измени на Закон за прекршоците и
  • Тања Пауновска, раководител на Одделение за соработка со локална самоуправа во Сектор за соработка со локална самоуправа и управни и надзорни работи во Министерство за животна средина и просторно планирање и член на работна група за изготвување на измени на Закон за прекршоците

Developed By: