На 27.01.2017 год. во организација на АЦТ! ДОО Скопје беше одржано практично советување на тема „Правилна примена на одредбите од Законот за работните односи: годишни одмори и неплатени отсуства, договор за вработување и престанок на работниот однос, обврска за информирање и консултирање на вработените и други актуелни прашања“ во конференциската сала на хотел Елит плаза.
Советување претставуваше спој на нормативните аспекти и судската пракса во врска со примена на Законот за работните односи, особено за оние одредби за кои сметаме дека предизвикуваат бројни дилеми и неунифицирана примена во пракса. Предавачи на ова советување беа докажани експерти во областа на трудовото право, и тоа: Стојан Трајанов, поранешен државен советник за труд со богато нормативно искуство во областа на работните односи и трудовото законодавство и автор на најновиот „Коментар на Законот за работните односи“ и д-р Зоран Михајлоски, адвокат, поранешен судија на Апелационен суд - Скопје и вонреден професор по трудово право на Американ колеџ – Скопје.
На ова советување кое претставуваше комбинација на нормативата и праксата се даде одговор на повеќе прашања, а не изостанаа и интерактивните дискусии. Во фокус на советувањето беше: • стекнувањето на правото и начинот на искористување на деновите од годишниот одмор • можноста за компензација не неискористените денови од годишниот одмор • правото и обврската за дополнителни денови на годишен одмор за одредени категории на вработени • разликите меѓу различните договори за вработување • склучување на анекси на договори и понуда на нов променет договор • спецификите кај секој основ за престанок на договорот за вработување • обврските на работодавачот и текот на постапката за престанок на работниот однос од деловни причини • примена на обврската за информирање и консултирање на вработените со споделување на конкретни примери и обрасци на акти кои се користат во оваа постапка • роковите и другите процедурални прашања поврзани со поведување на судска постапка за вознемирување на работното место и претставка до Комисијата за заштита од дискриминација.
2023 ACT Consultancy services