ВЕБИНАР: ШТО СЀ ТРЕБА ДА ЗНАЕТЕ ЗА ИНВЕСТИРАЊЕТО ВО ФОТОВОЛТАИЦИ?

Тековната глобална енергетска криза влијае сѐ поинтензивно да се зборува за зголемени инвестиции во обновливи извори на енергија (ОИЕ) и за поголема енергетска независност и енергетска ефикасност кај крајните потрошувачи. Притоа, се добива впечаток дека во Македонија меѓу оние што се заинтересирани за инвестирање во изградба на фотоволтаични (фотонапонски) електроцентрали, но и меѓу оние што на одреден начин се вклучени во тој процес, се создава забуна и недоумица околу условите, постапките и трошоците за инвестирање во различни типови фотонапонски електроцентрали, што е резултат на погрешно пренесените информации или толкувања на прописите.


Од тие причини, АЦТ! ДОО Скопје, како препознатлив партнер на јавниот и приватниот сектор во областа на едукацијата, организира онлајн настан – вебинар насловен како „Што сѐ треба да знаете за инвестирањето во фотоволтаици?“ на кој преку презентација и интеракција со предавачите – експерти на темата ќе бидат дадени детални одговори поврзани со следните прашања:


▪ Кои се разликите помеѓу соларни термални колектори и фотонапонски централи?
▪ Кои се разликите помеѓу изградба на фотонапонска централа на земјиште и на кров?
▪ Што е потрошувач-производител и кој може да стане потрошувач-производител?
▪ На кого му се исплати да стане потрошувач-производител – што (не) се добива?
▪ Дали за поставување фотонапонска постројка на кров е потребен основен проект и одобрение за градење?
▪ Дали за изградба на фотонапонска централа на земјоделско земјиште е потребно претходно да се пренамени земјиштето и донесе соодветен урбанистички план?
▪ Кој може да ги изведува различните видови фотонапонски централи?
▪ Како да се приклучи изградената централа на дистрибутивната мрежа на ЕВН Електродистрибуција?
▪ На кого се предава или продава произведената електрична енергија од фотонапонската централа и по која цена?
▪ Кои се инвестициските трошоци за различните видови фотонапонски централи и колкав е периодот на поврат на инвестицијата?

▪ За кои типови соларни системи Министерството за економија доделува премии, а за кои субвенции?
▪ Кои се другите можности за добивање грантови (неповратни средства) за инвестиција во фотонапонска централа?
▪ Што може да очекувате од банките ако аплицирате за кредит за изградба на фотонапонската централа?


Овој вебинар е наменет за:

▪ секое лице кое размислува или е во рана фаза на изградба на фотонапонска централа, било да е потрошувач (домаќинство или мал потрошувач - компанија) или класичен инвеститор
▪ вработените во јавните институции (буџетски корисници и единки корисник) како потрошувачи на електрична енергија
▪ вработените во државните органи кои се вклучени во некоја од управните постапки во целокупниот инвестициски процес
▪ секое друго заинтересирано лице (финансиски или правен консултант, инжинер, банкар, имплементатор на проект, итн.)


Предавачи:

Дарко ЈАНЕВСКИ е дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Има повеќе од 22-годишно работно искуство и бил вклучен во имплементација на бројни проекти финансирани од УСАИД и други реномирани организации. Тој е правен експерт во област на енергетиката, изготвувајќи анализи на релевантната меѓународна и национална правна рамка и практика поврзана со енергетиката. Неговите ангажмани во енергетската област вклучуваат: член на експертскиот тим кој го подготвуваше актуелниот Закон за енергетика и бројни подзаконски акти кои произлегуваат од овој и од претходниот закон; учествувал и во подготовка на првиот Закон за биогорива; учествувал во изготвувањето на косовскиот Закон за обновливи извори на енергија и изготви измени на неколку подзаконски акти; давал препораки за законски подобрувања на процедурите за инвестирање во ОИЕ; учествувал во подготовка и спроведување на тендери за доделување премии и формирање на јавно-приватни партнерства за изградба и работа на фотонапонски електрани; спроведувал анализа и давал препораки за правни и тендерски прашања за концесии на мали хидроцентрали; изработил компаративна анализа за премиите и зелени сертификати; им помагал на потенцијалните странски инвеститори во ОИЕ.


д-р Александар ДЕДИНЕЦ докторирал на ФЕИТ во Скопје и работи како научен соработник во Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ и е долгогодишен надворешен соработник на АЦТ! ДОО Скопје. Работи повеќе од 13 години како експерт во област на енергетика, енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и климатски промени. Учествувал во имплементација на повеќе од 70 проекти поврзани со енергетски стратегии, закони и подзаконски акти поврзани со енергетска ефикасност, обновливи извори на енергија и климатски промени кои биле финансирани и/или имплементирани од реномирани организации, како: УСАИД, УНДП, PwC, EnC, Hrvoje Požar, итн. Меѓу другото, бил член на експертскиот тим кој го подготвуваше актуелниот Закон за енергетика и бројни подзаконски акти кои произлегуваат од овој закон; Автор или ко-автор е на 44 трудови од област на енергетски одржлив развој од кои 14 се објавени во врвни светски списанија со импакт фактор. Како презентер учествувал на повеќе од 80 работилници во Македонија и странство.


Пријавување и надомест за учество:

Цената за учество на вебинарот изнесува 2.400,00 MKД + 18% ДДВ за еден/-на учесник/-чка. За пријавени 3 и над 3 лица од ист правен субјект следува попуст од -10%.

Во цената е вклучено: учество на вебинарот, материјали од вебинарот во електронска форма и е-Сертификат. Плаќањето се врши по основ на про-фактура пред одржување или по основ на фактура по одржување на вебинарот.

Пријавувањето за учество на вебинарот се врши најдоцна до 30.09.2022 година (петок) на е-пошта: obuki@act.com.mk


Сите информации за овој вебинар може да ги добиете на 075/227-126




Developed By: