ОДРЖАНО СОВЕТУВАЊЕ ЗА КУМУЛАЦИЈА НА ТУЖБЕНИ БАРАЊА

На 15.02.2019 год.Здружението на правници на Република Македонија и Друштвото за консултантски услуги АЦТ! ДОО Скопје одржаа советување на тема „Кумулација на тужбени барања: истакнување на повеќе тужбени барања во една тужба, спојување на повеќе тужби во една парница, тужба и против-тужба и посебен осврт на посебни закони за истакнување на повеќе тужбени барања во една тужба низ судска и адвокатска пракса“ во хотел Холидеј ин.

Целта на советувањето беше на учесниците да им се презентираат сложените аспекти од процесно-правната пракса. Имено, имајќи ја предвид правната сигурност во исклучително динамичните општествени и правни процеси, ефикасноста во постапувањето, потребата од обезбедување на единствена примена на правото кај меѓусебно поврзаните и аналогните правни ситуации, законодавецот пропишал покрај поединечните, можност и за кумулативно истакнување на повеќе тужбени барања во иста тужба или во текот на иста постапка заради заедничко расправање и одлучување – т.е. објективна кумулација на тужбените барања.

Оттука, верувајќи дека овој тип на советувања треба да одговори на потребите на практичарите, поканивме компетентни предавачи со цел да добиеме една заокружена целина обработувајќи сложена процесна материја. Првиот дел од советувањето беше посветен на спојување на повеќе тужби во една парница и објективна кумулација на тужбени барања низ пракса на повисоките судови, а вториот дел во фокус ја имаше кумулацијата на тужбени барања во една тужба и нивно раздвојување. Третиот дел беше посветен на предизвиците со кој се соочува институтот против-тужба во пракса, а во четвртиот и последен дел од советувањето беа презентирани искуства од пракса за тужбата и против-тужба – расправање во иста парница. 

Предавачи на ова советување беа:

Судија Лидија Мартинова, Апелационен суд Скопје

Судија Антоанета Димовска, Основен суд Скопје 2 и

Адвокат Горан Нациќ, Адвокатска канцеларија Нациќ, Скопје


Developed By: